Otitis media (ОМ) е заеднички термин за воспаленијата на слузницата на средното уво.
Тоа е втората најчеста болест на детска возраст, по воспаление на горниот респираторен тракт. Според различни автори, 20% до 90% од децата на возраст до 10 години барем еднаш имаат воспаление на средното уво.
Акутно воспаление на средното уво – Otitis media acuta (ОМА)
ОМА е ненадејно настанато воспаление на слузницата на средното уво со времетраење на воспалителниот процес до 3 недели. По правило настанува по ринофаринксен пат, а причинителите се вируси, бактерии или станува збор за вирусно-бактериска коинфекција. Во 50% од случаите, причинител е вирус, додека поретко се во прашање бактерии.
Во клиничката слика доминираат локални симптоми, додека општите симптоми се претежно благи (пациентот не е болно лице, туку лице со болно уво). Главниот симптом е болка во увото. Помалите деца ќе плачат, ќе изгледаат како да им е лошо или ќе имаат проблеми со спиењето поради болка. Околу 50% од децата со инфекција на увото ќе имаат температура.

Најчестите знаци и симптоми на акутно воспаление на средното уво се болка во увото (оталгија), истекување од увото (отореја), ослабен слух, вознемиреност и покачена температура.
Зачестени воспаленија на средното уво
- Првенствено, при третман на болка, се препорачува примена на локални суви топли облоги на заболеното уво.
- Исто така, заради ублажување на болката, се препорачува парацетамол во соодветна доза за возраста и во согласност со телесната маса на детето.
- Антибиотици
Се советува да не се вклучуваат антибиотици во третманот на акутен отитис медиа во првите 48 часа до 72 часа од болеста, туку само да се следи детето, бидејќи:
- во 70% -90% доаѓа до спонтано излекување во рок од 7-14 дена кај првпат настанат ОМА и спорадичен ОМА
- Раната примена на антибиотици овозможува ублажување на симптомите по 24 часа, кога тие и спонтано исчезнуваат, а се зголемува инциденцата на дијареја кај децата за 10%.
По следењето на детето, доколку не дојде до подобрување, се јавуваат знаци на покачена телесна температура и/или зголемување на болките во увото, истекување од увото или лекарот се одлучува веднаш да започне со антибиотска терапија, избраниот антибиотик е амоксицилин во доза од 80-90mg/kg TM, поделен во три дози.
Оптималното времетраење на антибиотската терапија не е прецизно одредено и се движи, според препораките на авторите, од 5 до 10 дена.
Извор: ОТИТИС МЕДИА Национален водич за лекарите во примарната здравствена заштита, ноември, 2004.